Османи со вештачка интелигенција ќе ја „декорумпира“ Општина Чаир

од Вести365.МК Ј.Р.

Кандидатот за градоначалник на општина Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, најави дека доколку биде изгласан за градоначалник, ќе користи вештачка интелигенција како алатка за справување со корупцијата во оваа скопска општина.

Според него, Чаир денес е една од најнетранспарентните општини во Македонија.

„Корупцијата и непотизмот го задушуваат развојот, а општината е узурпирана од оние кои ја водат. Наместо да им служат на граѓаните, тие работат за свои интереси. Денес сум тука да дадам збор дека тоа завршува по промената на власта на 19 октомври. Од најнетранспарентна, Општина Чаир ќе биде во првите пет општини по транспарентност“, порача Османи.

Тој го претстави, како што вели, новиот сет механизми за борба против корупција и заштита на јавниот интерес под името „Граѓанско око“.

„Овој сет вклучува четири нови решенија што досега не ги вовела ниту една општина. Не е доволно само да се има желба, потребни се и јасни механизми“, порача Османи.

Четирите механизми со кои ќе располага „Граѓанското око“ се Јавно отворање на тендерите со пренос во живо, постојан мониторинг на набавките од невладини организации и експерти за антикорупција за фер и законска постапка. Потоа ќе биде воведена „Јавна каса“ за онлајн следење на сметките, приходите и исплатите на општината и „ВИ контрола“ која ќе биде имплементирана во системот, која според него, ќе ја елиминира човечката пристрасност и ќе алармира доколку нешто не е во согласност со законот.

Османи смета дека доколку дојде на власт, со овие реформни механизми Чаир ќе биде „вистински транспарентна општина целосно заштитена од корупција“.

Слични објави