Од денеска цените на млечните производи и на тестенините во малопродажба треба да бидат изложени со пониски цени на рафтовите во маркетите и продавниците.
Според одлуката на Владата корекцијата треба да изнесува 10 односно 15 отсто.
Владата претходно им даде рок на производителите сами да ја извршат корекцијата но доколку таа не соодветствува согласно анализите и процентите до кои дојдоа преку спроведените анализи истите ќе бидат замрзнати.
Државниот инспекторат најави дека од рано утринава ќе излезе на терен да провери дали се почитува владината одлука и потсети дека казните за непочитување се високи и се движат од 800 до 11 илјади евра.
Ова е второ замрзнување на цените годинава. Прв на листата беше белиот и полубелиот леб на 33 денари. Од основните производи, незамрзнати останаа уште цените на шеќерот, јајцата и оризот за кои Владата ќе одлучува во следниот период.
Министерот за економија Крешник Бектеши е сигурен дека од денеска цените на тестенините и млечните производи во малопродажбата ќе бидат намалени согласно владината одлука.
Тој во синоќешното гостување во Топ Тема потсети дека оваа мерка е донесена врз основа на детални анализи и ниту една компанија, како што напомена, не трпи штети.
Нагласи дека доколку по 31 мај цените се нелогични, или повторно зголемени, ќе следи ново замрзнување.
За јајцата, шеќерот и домашниот ориз се прават анализи по кои ќе се одлучи дали и тие производи ќе влезат на листата со ограничени маржи.