Под мотото „Биди промената“, денеска ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и Град Скопје, го одбележаа Светскиот ден на водата.
Во просториите на Секторот за санитарна контрола, во кој функционираат хемиска и микробиолошка лабораторија, беше организирана едукативна интерактивна работилница, на која учество зедоа учениците од петто, шесто и седмо одделение од ОУ „Петар Поп Арсов“, општина Карпош. На настанот присуствуваа генералниот секретар на Град Скопје Зоран Глигоров и директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Драган Илиевски.
Исто така претставници, експерти во областа, од Секторот за санитарна контрола беа дел од едукативната работилница во градинката Буба Мара, објект Сонце во Аеродром, со презентација наменета за најмалите.
-Фокусот на активностите за одбележување на овој значаен ден за претпријатието и оваа година се насочи кон едукација на идните генерации за значењето на водата како природен ресурс, нејзината заштита и заштитата на животната средина воопшто, велат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Оттаму истакнуваат дека во соработка со Градот Скопје постојано работат на заштита на водата како природен ресурс, нејзината заштита и заштитата на животната средина воопшто.
-Градот Скопје се снабдува со вода за пиење од подземниот, природен извор Рашче, чиј минералошки состав не е променет повеќе од сто години, а по својот квалитет е на второ место во Европа, веднаш зад Виена. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, континуирано работи на одржување на водоводната и канализациска мрежа во градот, со цел подобрување на услугите за граѓаните, односно за своите корисници, велат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Имајќи ги предвид климатските промени, од јавното претпријатие нагласуваат дека со поддршка на Градот Скопје, спроведуваат и голем број на проекти и активности за намалување на загубите на вода, во чиј процес голема улога има и имплементацијата на SCADA системот.