Скопското обвинителство поднесе обвинение за пожарот што го задуши Скопје летоска со црн чад откако утврдиле дека во Визбегово се горел токсичен и канцероген отпад. Три физички лица и фирма ќе одговараат за „Загрозување на животната средина и природа со отпад.
-Во периодот од 28.02.2025 до 09.07.2025 година, обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на катастарска парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
На 09.07.2025 година на локацијата се случил пожар кој поради обемот и опасноста не можел да се стави под контрола, при што согорел дел од непрописно складираниот отпад. Тоа предизвикало масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Крајната последица од незаконитите дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето – соопшти Обвинителството.
Истрагата утврдила одговорност кај една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која заеднички и со умисла заедно со второобвинетиот кој учествувал во работата на правното лице ги презеле незаконитите дејствија.