Нови детали за смртта на малата Јана од Битола: Семејството со сериозни обвинувања

од Вести365.МК Ј.Р.

Јана Христовска од Кравари почина во битолската Клиничка болница. На Одделението за педијатрија примила инфузија по што состојбата ѝ се искомплицирала, па лекарите се обидувале да ја реанимираат на Одделението за интензивна нега.

Таткото на шестгодишната Јана, Стојче Христовски, се сомнева во лекарски пропуст. Вчера, на покачен шеќер 9, после приемот во Битолската болница на детето му дале гликоза во инфузија, па шеќерот во крвта се покачил на 19 единици.

„Пред три дена девојчето крена температура 37,7 и дадовме сируп му спадна и вечерта немаше ништо. Но исто како пред Нова година што му потекоа капаците од очите и солзење така и завчера и потекоа капаците. Вчера сабајлето ја однесовме на болница оти вечерта и се слоши и поврати шлајм. Пред да одиме на лекар ја болеа мускулите и за да не се мачи отидовме на Болница. При првиот преглед на крвта шеќерот и беше 9, и кажавме на докторката дека е дехидрирана дури и не можеа ни крв да и земат. По овој резултат докторката и даде инфузија со гликоза, а на сопругата и кажа дека шеќерот е покачен заради повраќањето. Почнаа да ни прават анализи на крвта, ни кажаа да седиме додека резултатите не бидат готови, кај 12 часот. После првата инфузија шеќерот во крвта се покачи на 19 единици. Ќе и ставаа втора инфузија, но не успееја чупето почна да се губи“, сведочи таткото за „Зелена берза“.

Во меѓувреме се огласи и директорот на болницата, д-р Александар Обедниковски. Тој вели дека девојчето било донесено дехидрирано, со отоци на очите и со нагони за повраќање.

„Тука поврати само еднаш, а според тоа што го кажа мајката, дома повраќало два пати, но неколку дена претходно било болно. Почина точно во 14.00 часот, по четири часа откако беше примено. Други детали не можам да соопштам бидејќи случајот веќе се истражува“, објаснува д-р Обедниковски за „Фактор“.

Причините за брзата смрт на Јана ќе се знаат откако ќе заврши обдукцијата.

Слични објави