Предистрагата за купопродажбата на трговскиот центар „Соравија“ е отворена по допрен глас и таа е сеопфатна, зашто се проверуваат наводи за незаконски дејства на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, и преку други државни институции и фондови, кажа надлежната обвинителка на денешниот брифинг со новинарите што го свика Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.
„Обвинителството се обрати до МВР, каде два сектора постапуваат по обвинителска наредба. Вклучени се и Управата за финансова полиција и УЈП. Се интересираме не само за купопродажбата на ‘Соравија’, туку и дали лицето за кое се интересирате е поврзано со незаконски дејства преку Фондот за иновации, проверуваме и преку Капетанијата, Дирекцијата за заштита на конкуренцијата и Централниот депозитар“, одговори обвинителката прашана дали се води истрага против Дрин Ахмети.
„Побарани се информации и од трети земји. Ова е голема истрага, ќе се реферира и кај државниот обвинител Љупчо Коцевски“, додаде таа.