Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа ја повтори својата поддршка за промена на режимот во Техеран, сугерирајќи дека сегашната војна може да ги олесни договорите за нормализирање на односите меѓу Израел и арапските држави.
Во интервју за ТВ Канал 14, Нетанјаху рече дека ја гледа промената на режимот во Техеран од историска перспектива, пишува Тајмс оф Израел.
„Персискиот цар Кир ги ослободи Евреите, а денес еврејската држава може да ги ослободи Персијците. Не го велам тоа во смисла дека тоа го правиме за нив. На крајот на краиштата, тие самите треба да се кренат, но ние ги создаваме условите и затоа тоа може да биде значајно“, рече Нетанјаху.
Тој двапати за време на интервјуто рече дека „80 отсто од Иранците ја мразат својата влада“, без да прецизира на што го базира своето тврдење.
Нетанјаху го нарече иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи „денешен Хитлер“ и потврди дека Израел планира да уништи „голем број објекти на иранскиот режим“ во својата воена операција.
Нетанјаху го изрази своето уверување дека војната означува пресвртница во регионот на Блискиот Исток и додаде дека на Блискиот Исток ќе се појави реалност, различна од која било друга.
„Ќе видиме поинаков Блиски Исток, реалност за разлика од сите други. Заканата со која се соочуваме сега е Иран. Тоа сме или ние или тие“, рече израелскиот премиер, додавајќи дека резултатот од војната ќе биде дополнително отворање на арапскиот свет кон Израел.