Несогласувања во коалицијата: СДСМ против Законот за амнестија на Лога

СДСМ  ќе гласа против законот за амнестија на коалицискиот партнер, министерот за правда Кренар Лога. Вчера заменичката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ  од Охрид и индиректно кажа дека СДСМ се против законот кој во Влада го протурка Лога, а кој премиерот Димитар Ковачевски најпрво го поддржуваше и бранеше, но  подоцна се огради поради сознанијата дека со него ќе се амнестираат и осуденици во “Монструм”. За попладнево тројцата министри од Алијанса најавија заеднички брифинг, така што не е јасно се уште како ќе реагира Алијансата за Албанците на ваквата коалициона „рампа“. Претходно Лога се огради од измените за Кривичниот законик и јасно кажа дека не стои зад нив, вперувајќи го прстот во заменичката како автор на измените што беа дочекани на нож во јавноста. 

Ова нема да биде прв  поголем раздор меѓу Ковачевски и Таравари. Минатата недела веќе имало средба да се пеглаат работите , откако министерот за здравство разрешил повеќе директори на болници кои биле од СДСМ. Од Алијанса за Албанците тврдат дека таков чекор бил направен бидејќи СДСМ не го испочитувала делот од договорот за Влада, а и како што велат  опструирала дел од проектите на Алијанса.

Законот за амнестијата денеска  треба да се најде на седница во Собранието. Предлог-законот е поднесен во скратена постапка, но според расположението во политичките табори се очекува наместо да се усвои брзо, да заглави во Собранието. Предлогот предвидува амнестија за „лесни кривични дела“ – целосно ослободување на осуденици кои добиле затворска казна до шест месеци, а 30 отсто намалување на казните за останатите. Исклучок се сторителите на тешки кривични дела.

Вака поставениот предлог значи дека од 2.114 осуденици кои се наоѓаат во затворите, на слобода ќе излезат 286, додека делумно ќе се амнестираат 996. Бројката не е конечна бидејќи 2.13 лица чекаат да влезат во затвор и за нив дополнително ќе се прави анализа кој ќе биде амнестиран.

Слични објави