Според најновите информации објавени од рускиот медиум „Спутник Интернешнл“, постои голема веројатност долгонајавуваните разговори меѓу украинската и руската делегација во Истанбул да започнат дури денес попладне.
Претходно беше најавено дека разговорите се очекува да започнат околу девет часот наутро, но, судејќи според објавите на социјалните мрежи, работите се искомплицираа, па сега постои можност делегациите на двете земји да седнат на иста маса само попладне.
Моментално нема официјална потврда дека почетокот на разговорите во Истанбул е одложен, но ако се земат предвид бројни други „поддржувачки“ информации, останува заклучокот дека таков развој на настаните е навистина можен, пренесува Б92.
Имено, откако на сите им стана јасно дека рускиот претседател Владимир Путин испраќа делегација во Истанбул – наместо да седи на масата спроти самиот Зеленски, и по драмата во Киев што произлезе од ова и неизбежното откажување на патувањето од страна на Зеленски, неименуван украински функционер во Турција изјави за локалните медиуми дека украинскиот претседател ќе донесе одлука за тоа дали да учествува во разговорите дури по средбата со турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган.
Потоа на социјалната мрежа X беше објавено дека украинската делегација дури и не се упатува кон Турција и дека одлуката дали воопшто ќе замине ќе биде донесена по разговорите меѓу Зеленски и Ердоган. Средбата, како што е наведено, започнува во 14 часот.
Ден претходно, тој рече дека тоа би можело да се случи во четврток, додавајќи дека смета оти рускиот претседател би сакал самиот да се појави во Истанбул.
Од друга страна, Кремљ не ја исклучи целосно можноста Путин, во одреден момент, да се предомисли и одеднаш да отпатува во Турција, сугерирајќи дека таквата промена на одлуката би била поттикната од потезите на Трамп, а американскиот претседател денес изјави дека најверојатно ќе пристигне во Истанбул.