Наместо решение за цените, добивме маркетиншки трикови – велат од СДСМ

од Вести365.МК Ј.Р.

Наместо системско решение за ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези што немаат реален ефект, велат од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), коментирајќи ги владините мерки за ограничување на бруто-профитните маржи за прехрамбените и непрехрамбени производи во трговијата на мало и големо.

Оттаму велат дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не само што не успеа да ја стабилизира ситуацијата со економската криза, туку ја влоши со низа неефикасни и задоцнети мерки.

„Најдобар пример за тоа е т.н. Новогодишна кошничка, која се претстави како мерка за намалување на трошоците, но заврши како медиумска манипулација“, велат од СДСМ.

Во реалноста, велат од опозицијата, потрошувачката кошничка секој месец расте.

„Така, во април порасна за 836 денари, алармантен податок што покажува колку се неефикасни владините интервенции“,пишува во реакцијата.

Според партијата, цените на основните производи остануваат високи, а платите, особено во јавниот сектор остануваат исти.

Посочуваат дека платите во државата се најниски во регионот, а истовремено цените се високи.

„Владата нема стратегија, нема визија, нема план. Наместо суштински политики, сведоци сме на декларативни изјави и обвинувања кон опозицијата“,посочија оттаму.

Велат дека уште пред неколку месеци предложиле пакет од седум закони што директно можат да влијаат на стабилизација на пазарот и на раст на платите, но оти владејачката партија ги игнорира сите предлози, избирајќи да работи со популизам и политичко калкулирање.

Слични објави