Муцунски: Имавме историски Самит во Анкара, донесени се одлуки што ќе го зајакнат НАТО

од Вести365.МК Ј.Р.

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски како историски го оцени Самитот на НАТО во Анкара, наведувајќи во објава на социјалните мрежи дека на него земјите членки донеле одлуки што дополнително ќе ја зајакнат Алијансата, и сега и во иднина.

Муцунски, кој заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски ја сочинуваат македонската делегација на Самитот, предводена од претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, наведува дека пораката од Анкара е јасна.

 „НАТО испорачува резултати. Ја потврдивме заедничката определба за поголеми инвестиции во одбраната, понатамошно јакнење на одбранбените капацитети, поправедна распределба на одговорностите меѓу сојузниците и континуирана поддршка за Украина“,напиша Муцунски.

Тој додава дека на маргините на Самитот се сретнал со повеќе колеги од земјите членки на НАТО, како и со високи претставници на земјите сојузници и партнери, со кои разговарале за билатералните односи, соработката во рамките на Алијансата и актуелните регионални и глобални безбедносни предизвици.

„Како посветен и кредибилен сојузник, продолжуваме активно да придонесуваме кон зајакнувањето на колективната безбедност, стабилноста и единството“,подвлекува министерот за надворешни работи и надворешна трговија на крајот на објавата.

Муцунски на заедничката прес-конференција со претседателката Сиљановска-Давкова и министерот Мисајловски вчера изјави дека во рамките на Самитот во Анакара присуствувал на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО и потписничките на Истанбулската конвенција и дека остварил средби со претставници од земјите од Арапскиот Залив во чиј фокус биле состојбите поврзани со конфликтот со Иран, но и севкупната политичка, безбедносна и економско-социјална слика во Европа и во светот.

Шефот на македонската дипломатија учествувал и на проширениот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО и Украина, на кој присуствувала и високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Каја Калас. Средба имал и со холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен.

Во фокусот на средбата со холандскиот министер, рече Муцунски, биле билатералните односи меѓу двете земји, и соработката во рамките на НАТО, но со Берендсен разговарале и за прашања поврзани со европската интеграција. Шефот на дипломатијата Муцунски во тој контекст наведе дека Холандија е земја која својот фокус го става на прашањата поврзани со внатрешните реформи во земјите кандидатки за членство во Европската Унија.

„Исто така издвоивме време да зборуваме и за некои инвестициски проекти за кои веќе двете држави дискутираат. Се надеваме дека во скорешен период ќе можеме да ги претставиме и пред јавноста“,изјави Муцунски.

Слични објави