Морачанин поднесе оставка од претседателската функција во ДОМ

од Вести365.МК | М.Т.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин синоќа соопшти дека се повлекува од функцијата во својата партија. Ова следува по поразот на Коалицијата за европска иднина чиј дел беше токму и ДОМ.

-Почитувани граѓанки и граѓани, членови и поддржувачи на зелената партија ДОМ, како израз на етичка и морална одговорност, поднесувам оставка од функцијата претседателка на ДОМ. Во најкус можен рок, согласно Статутот на ДОМ, ќе организираме конгрес на кој ќе биде избран новиот претседател и раководство на ДОМ. Знам дека ДОМ ќе продолжи посветено да се бори за спроведување на зелените политики во Македонија. Честитки до претседателката Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, стои во објавата на Морачанин.

Уште синоќа оставки од партиските функции поднесоа и членовите на СДСМ, Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.

-Почитувани граѓани и драги сопартијци, по изборните резултати, поднесувам оставка од мојата партиска функција, потпретседател на СДСМ. Најважни се слободата, мирот и напредокот на Македонија. Граѓаните, денес гласаа на демократски избори, и на слободен начин ја изразија сопствената волја.

Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас, објави потпретседателот на СДСМ, Костадинов на социјалните мрежи.

Слични објави