Мишел му честитал на Ковачевски што се поднесени уставните измени во Собрание

„Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ“, изјави за МИА претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по синоќешната билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, што се одржа пред почетокот на Бледскиот стратешки форум, на кој се присутни лидерот од Балканот.

Мишел оцени дека односите меѓу Македонија и ЕУ се одлични. Притоа тој му честита на премиерот Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.

„Северна Македонија и ЕУ имаат одлични односи и тука би сакал да му честитам на премиерот за неговата одлука да ги поднесе до Собранието уставните измени. Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ“, рече претседателот на Европскиот совет.

На средбата Ковачевски – Мишел, како што информираа од Кабинетот на премиерот, било потенцирано дека посветеноста и поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Македонија е исклучително важна во дадениот момент, за што е јасно упатена пораката од страна на ЕУ, за важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени, за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.

„Двајцата соговорници  се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповтролива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој како на земјата, така и на регионот“, се наведува во информацијата од средбата.

Слични објави