Проширувањето на Европската Унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент – порача премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на Форумот за проширување на Европската Унија – EU Enlargement Forum 2026 во Брисел.
Мицкоски преку објава на „Фејсбук“ информира дека заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос го проследил обраќањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кое беше отворен Форумот.

Според премиерот, процесот на проширување треба да продолжи да се темели врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив.
Проширувањето на Европската Унија претставува геостратешки императив и долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент. Овој процес мора да остане заснован врз постигнатите резултати, но истовремено да биде подинамичен, праведен и предвидлив – наведува Мицкоски.
Тој нагласува дека европската интеграција за Македонија претставува стратешка определба и долгорочен национален интерес.
Нашата посветеност на реформите, заштитата на националните интереси и исполнувањето на европските стандарди мора да бидат проследени со јасна и кредибилна европска перспектива – порачува премиерот.