Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, во коментар на случајот со бегството од куќен притвор во државава на Блерим Рамадани, поранешниот припадник на ОВК од Косово, побара да се остави да се произнесат обвинителството и судовите. Тој оцени дека е уште една причина што поскоро да се спроведат реформите во правосудството за кои апелира. Побара до крајот на месецов да бидат доставени идеите во таа насока, а потоа, како што рече, ќе мора да ги реализираат реформите за кои Владата ја добила поддршката од граѓаните.
-Не знам какви се изворите, рече Мицкоски за изворите во медиумските објави дека Рамадани се наоѓа во Косово.
Прашан како случајот ќе се одрази на односите со Србија посочи дека како Влада сакаат да градат добрососедски односи со сите држави без исклучок и без оглед дали е тоа Албанија, Грција, Србија…
Ова што се случува во нашиот правосуден систем, наведе Мицкоски, е само уште чекор повеќе кон тоа дека се потребни реформите за кои цело време апелирам.
-Два проценти доверба кај граѓаните резултираат со вакви многу прашања и дилеми: зошто тоа се случува, како тоа се случува, зошто се носат вакви одлуки, зошто некој бега, итн.. Ова е уште причина повеќе конечно да почнеме да се занимаваме со реформите во судско-обвинителскиот систем. Сите идеи кои имаат намера да бидат доставени до Владата од страна на експертите нека ги достават до крајот на месецов, а понатаму ние како Влада ќе мора да почнеме да ги реализираме за реформите за кои не гласале граѓаните, рече Мицкоски.
Од МВР претходно потврдија дека Рамадани избегал од куќен притвор од домот на роднини во земјава.