Министерот за здравство, Азир Алиу, при посетата на ГОБ „8 Септември“ им препорача на скопјани да избегнуваат непотребно движење на отворено и истакна дека загадувањето од пожарот на депонијата Дрисла досега не предизвикало здравствени проблеми кај граѓаните.
И покрај дождот што од ноќеска паѓа во скопската котлина и донесе мало олеснување, пожарот на депонијата Дрисла и понатаму не е целосно изгаснат. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека и во претходните денови биле исфрлени огромни количини вода, но чадењето сè уште продолжува.
— Заедно со Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) анализиравме дали постои некој тип на загадување со штета по здравјето на граѓаните. Мирисот на чад се чувствува и не е пријатен. Воздухот во моментот не е на ниво на загаденост којшто предизикува здравствени проблеми кај граѓаните. Препорачувам граѓаните да не се движат надвор, каде не е неопходно — рече Алиу по посетата на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје.
„Доаѓа период на зачестени респираторни проблеми“
Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, рече дека доаѓа период со зачестени респираторни проблеми, па хронично болните треба да се вакцинираат од сезонскиот грип навреме.
— Доаѓа есенскиот период, па горнореспираторните и долнорепсираторните инфекции ќе бидат чести. Ќе мора да се мониторира и квалитетот на воздухот и во соработка со Министерството за здравство да бидеме 24/7 достапни за граѓаните, за да го поминеме периодот со помал број посериозни заболувања од респираторен тип. Претпоставувам дека Министерството за здравство ќе излезе со препораки за краток период, за хроничните болни кои ќе мора да се вакцинираат од сезонски грип, и дека тоа ќе почне навреме за да не ни се преполнат амбулантите со пациенти — кажа Стојаноски.