„Мајчинство” – традиционална изложба во Чифте амам

од Вести365.МК | М.Т.

На 7 март во 19 часот, Националната галерија ќе ја отвори својата годишна изложба посветена на Меѓународниот ден на жената, со наслов „Мајчинство“. Изложбата ќе биде поставена во просторот на „Чифте амам“, со делови од колекцијата на Националната галерија.

Изложбата претставува селектиран избор на македонски и странски автори, припадници на различни генерации ликовни автори, кои ја опфаќаат темата мајка и мајка со дете, односно една од најповиканите и тематски најзастапена улога на жената низ историјата. Селекцијата опфаќа дела кои се дел од богатата колекција на Националната галерија. Изложбата вклучува широк избор на дела, почнувајќи од иконовидните претстави на Богородица па се до новите медиуми, велат од Националната галерија.

На изложбата, насловена “Мајчинство”, ќе се прикажат различни ликовни техники и принципи на изразување, вклучувајќи масло на платно, темпера на картон, молив на хартија, туш на хартија, бакрорез, монотипија, фотографија на форекс и таписерија. Изложбата ќе вклучува и скулптури изработени во техниките на теракота, гипс и бронза.

На изложбата ќе бидат изложени дела на автори од првата основоположничка генерација, меѓу кои се Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски и Димитар Андонов Папрадишки, како и дела на автори од периодот на афирмацијата и продорот на новите ликовни тенденции во повоените години, меѓу кои се Петар Мазев, Ванчо Ѓорѓиевски, Глигор Чемерски и други. Изложбата ќе вклучува и дела од автори кои припаѓаат на Југословенската збирка, меѓу кои се Иван Мештровиќ, Павле Симиќ, Лука Тошановиќ и други.

Слични објави