Маричиќ за Отворен Балкан: Не гледам причина да се разговара за напуштање на иницијатива која носи придобивки 

„Не гледам причина зошто сега ние би дискутирале за учество или неучество на ‘Отворен Балкан’, особено што во него нема нови иницијативи или нови точки, бидејќи самата иницијатива е ставена во некакво мирување и активностите продолжуваат во рамите на Берлинскиот процес. Во овој момент не гледам никаква причина ние да носиме некаква одлука, особено не како техничка влада за натамошното учество“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за „Независен“.

Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ не е против некого, ниту за некого, во неа учествуваат три држави и сите одлуки се носат од трите држави.

„Кога се случи инцидентот во Бањска, Албанија најави преку премиерот Рама дека сега фокусот треба да биде на Берлинскиот процес и да се фокусираме на форматот на сите шест држави. Потоа продолживме во форматот на Берлинскиот процес, имаше само еден протокол потпишан од ‘Отворен Балкан’ за мобилност на работната сила, односно признавање на работните дозволи“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е идеја на тројцата лидер, тогашниот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама и беше поддржана од САД и со присуство и со јавни изјави, а во одредена фаза поддршка даде и комесарот на за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Слични објави