Максим Димитриевски најави промоција на здружението со кое ќе учествува на локалните избори

од Вести365.МК | Е.Д.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави дека граѓанското здружение кое го формираше во Куманово, а го промовираше и во Прилеп, ќе се прошири и во Скопје каде промоцијата ќе се случи наесен. На следните парламентарни избори, тој очекува здружението да добие поддршка од голем број гласачи.

„Во тек е формирањето на граѓанското движење, очекуваме во септември, октомври тоа да се случи во Скопје и ќе ги повикаме сите граѓани. Тоа ќе биде граѓанска иницијатива/движење коешто досега не било вообичаено, ќе биде од граѓаните за граѓаните и верувам дека на следните избори ќе ја добиеме поддршката од граѓаните бидејќи ќе излеземе со реално остварливи политики и ќе ставиме крај на корупцијата и рашомонијата во државата“,

рече Димитриевски во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.

Според него, во граѓанското движење ќе има многу поддржувачи и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ, но најголем дел ќе бидат неопределени граѓани што не се занимавале со политика и имале резултат во своето работење.

Димитриевски во моментов го извршува својот втор мандат како градоначалник на Куманово. Првиот, од 2017 до 2021 тој го доби како кандидат на СДСМ. Откако не ја доби довербата од партијата за втор мандат, тој на локалните избори во 2021 настапи како независен кандидат со здружение „За наше Куманово“. Потоа најави дека ова здружение ќе доживее проширување низ цела држава, а во октомври лани под името „За нашите граѓани“ беше промовирано и во Прилеп.

Слични објави