Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди насилството на демонстрациите против реформата на пензискиот систем, наведувајќи дека нема да попушти пред насилството.
Макрон ова го изјави на прес-конференција во Брисел по самитот на ЕУ.
Макрон е под притисок да најде начин за излез од кризата и најголемото улично насилство во Франција во последниве години, откако предложи законот за пензионирање, кој ја зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, да биде усвоен во парламентот без гласање, објави Ројтерс.
Францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманен изјави денеска дека 457 лица се приведени, а 441 полицаец се повредени во инцидентите за време на протестите ширум земјата во четвртокот против реформата на пензискиот систем.
Според полицијата, на протестите ширум земјата вчера учествувале 1.089 милиони луѓе или 3,5 милиони, според Сојузот на синдикати ЦГТ.
Влезот во зградата на градското собрание во Бордо беше запален синоќа по цел ден протести и судири, јави Би-Би-Си.
Полицијата во главниот град фрли солзавец кон демонстрантите, а во Лориен, на западот на Франција, проектилите што ги фрлија демонстрантите предизвикаа мал пожар во дворот на полициската станица.
Макрон во средата објави дека законот ќе стапи на сила до крајот на годината, и покрај зголеменото незадоволство низ целата земја.