Кривични пријави против девет лица и една фирма за злоупотреби во УХМР: Противправна корист од речиси половина милион евра

од Вести365.МК Ј.Р.

Единицата за финансиски криминал при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против девет физички и едно правно лице поради сомнежи за злоупотреби при спроведување набавки во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Меѓу пријавените се осум вработени во УХМР, вклучително и поранешен вршител на должноста директор, како и управител на фирма од Битола. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, додека правно лице од Скопје е пријавено за фалсификување исправа.

Според МВР, во текот на 2023 година тогашниот в.д. директор на УХМР, И.Т. (53), донел две одлуки за набавки поврзани со ист настан, иако бил свесен за процедуралните неправилности. Постапките биле спроведени спротивно на утврдените правила и критериуми, а за најповолни биле избрани понуди кои не ги исполнувале потребните услови.

Со првата набавка, според сомнежите на полицијата, на фирма од Скопје ѝ била овозможена противправна имотна корист од 29.244.786 денари, односно околу 475.000 евра. Со втората набавка, за печатење промотивни материјали и ситен инвентар, на фирма од Битола ѝ била овозможена корист од 782.050 денари, или околу 12.715 евра.

Во спорните постапки, членовите на комисијата прифатиле задоцнета и технички неисправна документација, без соодветни записници и извештаи. Дел од пријавените вработени, пак, одобриле исплата на фактури кои, според МВР, содржеле невистинити финансиски податоци, измислени коефициенти и немале соодветни докази.

Полицијата наведува дека со ваквите дејствија на двете фирми им била овозможена вкупна противправна имотна корист од 30.026.836 денари, односно околу 488.000 евра.

Кривичната пријава е доставена до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.

Слични објави