Во саботата, на 6 мај, Велика Британија доби нов владетел по 70 годиншнот владеење на кралицата Елизабета Втора. По крунисувањето на кралот Чарлс III, кралската круна ја доби и неговата сопруга Камила, која отсега ја носи титулата кралица.
И два дена по крунисувањето, светските медиуми не престануваат да известуваат за деталите од церемонијата, односите во кралското семејство и се што следи во новата ера на Велика Британија. Имаше многу шпекулации за здравјето на новиот владетел. Повторно се пишуваше за неговите отечени прсти кои сега дојдоа до израз. Многу британски лекари потоа објаснија дека голем број медицински состојби може да бидат одговорни за отоците, како задржување на водата, а тоа може да се припише и на самата возраст. Заклучокот е дека отечените прсти на кралот Чарлс III би можеле да бидат резултат на многу нешта, од привремено задржување течности или ненадејна промена на температурата, до артритис.
Британскиот крал Чарлс III имал болки во вратот и горниот дел на ‘рбетот по неговото крунисување. Ова го откри неговиот син принцот Вилијам.
Мислам дека синоќа го болеше вратот од носењето на круната. Таа е ѓаволски тешка – изјави Вилијам.

Круна тешка пет килограми
Кралот Чарлс бил крунисан со круната на Свети Едвард од 17 век, која е направена од цврста златна рамка и содржи 444 скапоцени камења, вклучувајќи рубини, дијаманти, аметисти и сафири.
Дизајниран со топче и крст на врвот, глобус и црковни симболи, има виолетова кадифена капа и украс од хермелин. Таа тежи пет килограми, па не е чудно што на Чарлс го болеше вратот по крунисувањето.
По церемонијата, која траеше околу еден час, британскиот монарх ја понесе империјалната државна круна, која е малку полесна и тежи околу 2,5 килограми, а исто така е обложена со накит.
Зборувајќи пред граѓаните кои дојдоа на концертот во неделата во Виндзор, принцот Вилијам призна дека се чувствува лошо бидејќи луѓето со часови стоеле на дождот на улица за време на церемонијата и прославата по повод крунисувањето на Чарлс.
Се чувствувам толку лошо што со часови стоеја на дождот. Но, тоа сме ние Британците, го разбираме тоа. Не ни пречи малку дожд – изјави принцот Вилијам.

Почит на кралицата Елизабета Втора
Идниот престолонаследник принцот Вилијам откри и дека неговиот татко бил нервозен поради крунисувањето.
Мислам дека беше нервозен. Тоа е еден од оние денови кога сите ве гледаат и сакате сè да ви помине мазно и без проблеми – откри Вилијам.
Кралицата Камила ја носеше круната на кралицата Марија со која и оддаде почит на нејзината почината свекрва кралицата Елизабета Втора. Круната има четири лакови и дијамант во облик на срце од 18,8 карати, бројни мали дијаманти, како и дијамант во облик на круша од 94,4 карати. целиот накит, вклучувајќи ги и дијамантите, се дел од оригиналната круна на кралицата Марија, која била специјално направена за неа во 1911 година по наредба на нејзиниот сопруг, кралот Џорџ V.
За време на самото крунисување, Чарлс држел топче, меч и жезол во рацете и седнал на дабово столче за крунисување, старо 700 години. По церемонијата, тој и кралицата Камила влегоа во позлатена кочија која ги однесе до палатата, поздравувајќи го собирот на граѓаните попатно.