Осумдесетгодишен поранешен возач на камион од општината Сан Вито ал Таљаменто во италијанската покраина Порденоне, е осомничен за повеќекратни убиства во контекст на таканаречените викенд снајперисти – странци кои за време на опсадата на Сараево во 1992-1995 година платиле за убивање цивили, објавува „Ил Газетино“.
Станува збор за Џузепе Вегнадуцо, кој е ставен под истрага од страна на Обвинителството во Милано по обвинение за убиство со умисла во подолг период и отежнувачки околности.
Според истрагата, водена од обвинителот Алесандро Гобис во координација на карабињерите на РОС, Вегнадуцо бил меѓу Италијанците кои платиле за учество во таканаречениот лов на цивили во опколено Сараево, вклучувајќи жени, стари лица и деца.
За време на претресот на неговиот стан на 4 февруари, пронајдени се седум легално регистрирани оружја – два пиштола, една карабина и четири пушки. Осомничениот добил покана за сослушување во Обвинителството во Милано во понеделник, 9 февруари.
Истрагата доби нов моментум по сведочењето на жената, што го забележа новинарката Маријана Мајорино, која претходно објави стории за наводното фалење на Вегнадук за „лов“ во Сараево.
Познаници велат дека се натпреварувал со сограѓанин кој ќе улови најмногу пастрмки во блиското езеро. „Кога не го гледавте во обична облека, тој беше во рибарски костум и чизми. Секогаш го гледав таков“, вели еден познаник.
Тој се фалел со своите воени подвизи на Балканот, облечен во црна униформа. Осомничениот бил повикан во Милано во понеделник на сослушување од главниот обвинител Марчело Виола и обвинителот Алесандро Гобис, кои наскоро ќе отпатуваат во Хаг за меѓународна истрага.
Локалната заедница во Сан Вито ал Таљаменто е шокирана од веста, според извештаите на италијанските медиуми. Градоначалникот Алберто Бернава го изрази своето негодување и ја најави можноста општината да се приклучи како оштетена страна доколку се потврдат обвинувањата.
Обвинителството во Милано спроведува поширока меѓународна истрага за овој случај, а истрагата сега се проширува.