Употребата на забниот конец го подобрува оралното здравје. Дознајте колку често и кога треба да го користите.
Чистењето на забите со конецот е дел од оралната хигиена, а неговата правилна употреба ја намалува можноста за појава на гингивитис. Забниот конец ги отстранува малите парчиња храна и наслаги, но многу луѓе се прашуваат колку често и кога треба да го користат. Одговорот на ова прашање го дадоа стоматолозите во во разговор за „Livestrong“.

Како да се употребува забниот конец?
Користењето на конецот штити од расипување на забите, лошиот здив и болестите на непцата, а дополнителните 30 секунди во вашата рутина за орална хигиена дефинитивно ќе се исплатат. Оралната хигиена без користење на забен конец не е потполна, бидејќи со четката за заби не можеме да стасаме до забниот меѓупростор така што не можеме да ги отстраниме бактериите кои можат да предизвикаат кариес.

Забниот конец е тенок, мек конец направен од најлон или пластика, а неговата употреба не бара посебни вештини. Сепак, експертите потенцираат дека е неопходно да се биде трпелив и внимателен при неговата употреба. Конецот го ставаме во интерденталниот простор, нежно движејќи го напред-назад. По чистењето на едниот интердентален простор, преминуваме на другиот и така натаму. Секој пат земаме нов дел од конецот и ја повторуваме постапката додека не ги исчистиме сите заби.
Колку често забите треба да се чистат со забен конец?
Околу една третина од возрасните постари од 30 години велат дека секојдневно користат забен конец, пишува „Journal of Periodontology“. Најголем број од испитаниците изјавиле дека го користат забниот конец еднаш неделно, што е шест пати помалку од препорачаното. Доколку сте дел од мнозинството кои не користат забен конец или го користат многу ретко, првиот чекор кон корекција на оваа лоша навика е да започнете негова употреба.

Стоматолозите препорачуваат користење на конецот еднаш дневно. „Секој треба да користи забен конец еднаш дневно, или наутро или пред спиење“, вели Лиза Максвел, директор на „Dental Hygiene“ програмата и клинички доцент на Одделот за биомедицински науки и сеопфатна нега на стоматолошкиот факултет при Универзитетот во Индијана.
Кога треба да се употребува забниот конец?
Прашање кое многумина од нас нè мачи е кога да се користи забниот конец. Експертите се согласуваат дека е многу подобро да се употребува конецот пред да се мијат забите. Имено, честичките од храната и бактериите создаваат наслаги кои остануваат на забите.

Кога овие наслаги ќе се насоберат на забите, четките повеќе не можат целосно да ги отстранат така што тие брзо се претвораат во забен камен. Исто така, наслагите доведуваат до формирање на шуплини, кои можат да се појават помеѓу забите, и гингивитис – состојба која може да доведе до заболување на непцата.