И покрај налогот за апсење Путин е поканет на самитот на БРИКС во Јужна Африка

од Вести365.МК | Е.Д.

Рускиот претседател Владимир Путин е повикан на самитот на БРИКС во Јужна Африка, и покрај налогот за негово апсење кој го издаде Меѓународниот кривичен суд, изјави јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор.

Според неа, се очекува рускиот лидер да учествува на самитот, кој ќе се одржи во август, иако потерницата на МКС е „причина за некаква загриженост“.

„Во минатото повеќе пати укажував на двојните стандарди во светските проблеми. Има многу други земји кои се вклучени во конфликти, но ниедна од нив досега не била интересна за МКС“, кажа таа.

БРИКС е група на пет светски растечки економии – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, но сè повеќе земји во развој се заинтересирани за приклучување во неа.

Меѓународниот кривичен суд го финансираат западни земји, но не го признаваат ни Вашингтон, ни Москва, ни Пекинг. Налогот за апсење на рускиот претседател е издадено поради сомнеж за незаконско депортирање деца од Украина во Русија.

Слични објави