И денешните дојави за бомби се ЛАЖНИ

од Вести365.МК Ј.Р.

И денешните проверки покажаа дека дојавите за бомби се лажни. Вака денеска изгледаа голем број училишни дворови затоа што дојавите за бомби ги испразнија училиштата.

И денеска повторно нови дојави за бомби во 18 училишта. Учениците и претходните денови имаа лажни дојави и мораа да следат онлајн настава, а апликацијата не функционираше.

Од Министерството за образование и наука велат дека тие многу внимаваат на безбедносниот аспект, но сепак не сакаат да изостане образовниот процес и затоа онлајн наставата сметаат дека е најдобра опција кога има дојави за бомби. За вчерашниот неуспех за користење на апликацијата тимс министерот Шаќири објасни дека таа не функционирала само кај оние училишта каде првпат имаше закана за поставена бомба. Уште од сега се подготвува посебна стратегија за државна матура, а секојдневно со Комитетот за безбедност се разгледуваат опции за надминување на проблемот со лажни дојави за бомби.

-Одлуката за целосна онлајн настава во моментов не е лесно да се донесе затоа што не се знаат последиците кои ќе бидат, вели Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

Од опозицијата обвинија дека четири години образованието е во колапс.

-Штетата е трајна и недонаместлива. Децата ја плаќаат цената на неспособноста на владата, вели Весна Јаневска од ВМРО.

Освен во Македонија дојави за бомби имаше и во зградата во која се сместени Врховниот, Вишиот и Апелациониот суд во Подгорица. Дојавите за бомби во Македонија пристигаат постојано од почетокот на оваа учебна година. Првично беа само средните, а потоа и основните училишта. Досега сите дојави беа лажни, а на мета беа само државните училишта.

Слични објави