Помодрени ушиња, модринки кај косичката кои се веројатно настанати од влечење – ова е сликата од девојче кое сè уште нема наполнето три години, а кое, според кажувањата на родителите, е жртва на дефектологот кој приватно бил ангажиран за да работи со него. МВР информираше дека родител пријавил дека дефектолог кој бил ангажиран за приватни часови насилно се однесувал со тригодишно дете.
„Република“ стапи во контакт со родителите кои со огромна болка и тага во очите раскажуваат со што се соочиле во обид да му помогнат на сопственото дете да прозбори.
По препорака на пријатели ја ангажравме Емина С. да работи со нашата ќерка, која сѐ уште не зборува. Дефектологот доаѓаше кај нас дома, а по нејзино барање ние го напуштавме станот, ја остававме сама со детето, затоа што така најдобро се работело. Воопшто не очекував дека некој што работи дефектологија може да има груб однос со дете, а уште помалку да го влече за уши, да го кубе и да го тепа. Затоа и не ми падна на памет да ставам камери во домот и да следам што прават. Дефектологот повремено ми праќаше видеа од она што го работат. Сметав дека сè е во ред и покрај отпорот на ќерка ми да остане насамо со Емина, зашто реакциите на детето ги препишував на неговиот карактер, дете кое води инает кога нешто не му одговара – раскажува Трајанка, мајката на девојчето.
Таа и нејзиниот сопруг сѐ уште не можат да се соземат од она што се случувало со нивното девојче. Велат се трудиме да останеме смирени, иако лутината и бесот се преголеми, а плачот на беспомошното дете сè уште одѕвонува во нашите глави.
Емина работи во градинка во Центар, детево во последниве две недели вриштеше и пиштеше од неа и дури се плаши кога ќе заѕвони ѕвонче дома. Кога ќе ѝ кажев дека ќе дојде Емина да работи, ќерка ми почнуваше да плаче и да покажува дека не сака. Излегував од дома со убедување дека моето дете плаче од каприц. Кога излегував од дома за да ги оставам да работат, нејзиниот отпор беше уште поголем. Ќе ме фатеше за нога и плачејќи не ме пушташе да излезам. Мислевме дека така реагира бидејќи ја тера да работи. Но, по последниот час што го имаа, кога си отиде дефектологот, ќерка ми цела се тресеше и вриштеше. Веднаш забележав дека ушињата ѝ се жар црвени. Ѝ се јавивме на Емина да ја прашаме дали знае зошто му се црвени ушите на детето, ми рече дека не знае, да си провериме да не е некој здравствен проблем. Ушињата почнаа да помодруваат. Сопругот ѝ се јави и многу смирено разговараше со неа, иако беше премногу бесен. Ѝ рече кажи што се случило да знаеме и да заборавиме. Тоа ѝ го кажа со намера да ја испроцовира да каже. Рече, ако ви е полесно, ќе дојдам да му се извинам на детето, да го гушнам и да завршиме со соработката. Подоцна, откако ја пријавивме во полиција, таму изјавила дека тоа го кажала бидејќи била под закана. Секако, била прашана зошто не пријавила во полиција доколку била под закана – додава мајката на трауматизираното девојче, која ги преживува и сопствените трауми.
Со денови не можам да функционирам, ме прогонуваат сликите како се ослободувам од нејзините рачиња и ја оставам сама во немилост во домот кој треба да ѝ биде прибежиште. Не знам дали некогаш ќе можам да ја симнам од плеќиве таа грижа на совест дека му верувавме на странец и не ги препознавме знаците што ни ги испраќа нашето дете.
Девојчето е однесено на преглед, а лекарите констатирале физичка повреда. Емина, пак, изјавила дека детето само се тегнело за уши и се самоповредувало. Докторите сметаат дека девојчето е влечено за двете увциња одеднаш и дека за таква повреда е потребна сила, па дури и дека можеби е поткренато од земја додека е влечено за ушите. Која е веројатноста дете да може да се повреди до тој степен да направи страшни подливи на ушите? Дали воопшто и возрасен човек би можел да си нанесе таква повреда сам на себе?
Целиот текст можете да го прочитате тука.