„Јас сум многу љубопитна личност и не сакам да си поставувам граници. Мојот сон е да продолжам да ги живеам убавите моменти на сцената. Сон ми е и повторно да танцувам таму каде што сè започна – во Скопје! Благодарение на наградата „Менада“, врската се обнови и навистина сакам да се вратам повторно и да танцувам во Македонија“, вели за весникот ВЕЧЕР француско-македонската балерина Роксан Стојанов, годинешната добитничка на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност, на 21. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“ 2025.
Роксан Стојанов, балерина со француско-македонско потекло, родена 1995 во Франција, своите први танцови чекори ги започнува токму во Скопје, на осумгодишна возраст, кога во државата престојува со своето семејство. Сепак, таа балетското образование го продолжува во Брисел, а во 2007 се приклучува на Школата за танц на Париската опера. Пет години подоцна, во 2013, станува дел од балетскиот ансамбл на оваа престижна институција. Низ годините, нејзиниот талент и посветеност биле препознаени преку бројни признанија. Во периодот од 2015 до 2022, Роксан напредува во хиерархијата на операта и станува првенка на балетот. На 28 декември минатата година, го доживува врвот во кариерата, кога по нејзината извонредна изведба во балетот „Пакита“ на сцената на Опера Бастилја, Роксан е прогласена за Ѕвезда на Париската опера – највисокото звање во хиерархијата на оваа оперска куќа. Нејзината кариера опфаќа импресивен репертоар, вклучувајќи улоги во класични балети како „Жизел“, „Лебедово езеро“ и „Дон Кихот“, како и современи креации на реномирани кореографи. Прогласувањето за Ѕвезда на Париската опера е доказ за посветеноста на танцовата уметност, а наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност, е уште едно признание за нејзината извонредна уметничка сестраност.

Вие сте годинешен добитник на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност на 21. издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје“ 2025. Какво значење има ова признание за Вас?
Ова е прекрасна награда што ми е доделена. Голема чест е што сум добитничка токму на ова признание, бидејќи тоа има посебно значење за мене. Оваа награда го признава мојот труд и посветеност кон мојата најголема страст, а тоа е танцот. Истовремено таа ми овозможува, преку уметноста, да изградам мост меѓу моите две татковини, моите две култури и да ме врати таму каде што сè започна – во Скопје.
Кон крајот на минатата година, пак, бевте прогласени за Ѕвезда на Париската опера. Ова е огромен успех за една балерина, со оглед дека со оваа титула се верификува Вашиот досегашен труд. Всушност што балетот претставува за Вас?
За мене, балетот е начин на изразување. Тоа е универзален јазик преку кој можеме да ги покажеме своите емоции. Пред сè, тоа е големо задоволство за еден балетски уметник, но посебно и кога сме деца и кога почнуваме да танцуваме. А потоа, со зрелоста и со работа, сфатив дека преку балетот можам да раскажувам приказни и да играм разни улоги. Како да стануваш друг човек и живееш друг живот, барем додека трае балетот. Мене ми се допаѓа тоа што можам да работам со различни стилови, класичен или современ балет, да запознавам нови кореографи, или пак да ги оживувам балетите на оние кои што веќе не се со нас. И на крај, тоа што најмногу го сакам во балетот е музиката, бидејќи тоа е она што нe ноcи. Дури и кога нема музика, треба да се водиме од сопствениот внатрешен ритам и да „пееме“ со телото.
Целото интервју можете да го прочитате тука.