Израелската војска соопшти дека започнала бран напади низ Либан по најавата на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху дека неговата земја ќе ги засили нападите врз Хезболах, пренесува Би-би-си.
Израелските одбранбени сили соопштија дека извршиле напади врз Хезболах во долината Бекаа во Источен Либан и во други делови од земјата.
Хезболах, пак, соопшти дека возвратила со 22 напади со дронови и ракети и дека целите вклучувале израелски војници, тенкови, касарни и објекти.
Претходно овој месец, Либан и Израел се согласија да го продолжат 45-дневното примирје, иако дел од борбите продолжија.
Во видеообраќање во понеделникот вечерта, Нетанјаху изјави дека Израел е „во војна со Хезболах“ и дека армијата добила наредба да ѝ нанесе „силен удар“ на групата.
Нетанјаху рече дека израелската воена офанзива против Хезболах „елиминирала повеќе од 600 терористи“.
„Но, она што сега се бара од нас е да ги зголемиме нападите, да го зголемиме интензитетот“, посочи тој.
Исто така, од израелски функционери дојде повик за проширување на воената кампања и кон Бејрут.
Хезболах соопшти дека во понеделникот користел дронови и ракети за напади врз цели во Јужен Либан и Северен Израел, како одговор на, како што наведе, „израелското кршење на примирјето“.
Претставници на Либан и Израел, кои немаат формални дипломатски односи, треба да одржат дополнителни преговори во Вашингтон следната недела.
Либанскиот претседател Жозеф Аун побара целосно израелско повлекување од Јужен Либан.