ЗКЛМ: „Флајтрадар 24“ не е релевантен за давање на точна позиција во реално време и не треба да се користи за извлекување на заклучоци

од Вести365.МК | М.Т.

За настанот од 7-ми септември, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор, која пак е процесирана од релевантните институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, се вели во реакцијата на Здружението на контролори на летање на Македонија

Откако беше објавено дека на 7 септември во 18:32 часот авиони на „Туркиш ерлајнс“ и „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото во близина на Меѓународниот аеродром во Скопје, по што и М-НАВ излезе со соопштение дека е отворена истрага за настанот, реагираше и Здружението на контролори на летање на Македонија.

Оттаму велат дека за конкретниот настан е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и дека таа е процесирана кај релевантните институции кои пак постапуваат по пријавата согласно постоечки процедури. Во реакцијата се вели дека во ниту еден момент овој случај не бил заташкан, а самото прогласување на настанот како „сериозен инцидент“ без да се проверат фактите води кон неправично и невистинито расветлување на случајот.

„Напоменуваме дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци“, велат од ЗКЛМ.

Дополнително, се вели дека македонските контролори на летање се соодветно обучени професионалци, кои со највисоко ниво на квалитет опслужуваат рекорден број на летови, честопати во тешки временски услови, кои оперираат под нивна надлежност за безбедно и редовно да стигнат до нивните дестинации и затоа Здружението ќе застане во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите кои во моментот се мета на неосновани осуди.

„Воспоставувањето на Култура на Праведност во воздухопловството резултираше со висок стандард за безбедност, со што воздухопловните незгоди и инциденти станаа исклучително ретки, но сепак не се целосно непостоечки и се случуваат кај нас, како и во Европа и светот. Прифаќањето на системски пристап при истражувањето, наместо индивидуално обвинување е клучно за зајакнувањето на безбедноста во воздухопловството“, се вели во соопштението.

Здружението на контролори на летање на Македонија бара од медиумите кои извествуаат за настанот од 7 септември да се воздржат од паушални коментари се додека не се објават официјалните резултати од истрагата и побараа да се избегнува ширење на шпекулации на социјалните мрежи кои може да бидат погрешно интерпретирани.

За потсетување, според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар 24“, авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром „Скопје“ на 7 септември во 18:32 часот.

Слични објави