На самохран татко му во Русија властите му ја одзедоа ќерката и ја сместија во дом откако таа нацртала антивоена слика на час по уметност, пренесува Business Insider.
Алексеј Москалев, од градот Ефремов во руската област Тула, беше обвинет за дискредитација на војската во декември, откако неговата ќерка Маша нацрта антивоен цртеж на училиште, објави независниот руски медиум Медуза.
Во април минатата година, наставникот им кажа на учениците од шесто одделение да нацртаат нешто како поддршка на руската акција во Украина.
Маша го нацрта руското знаме со натпис „Не на војната“. Покрај руското, таа го нацрта и украинското знаме со натписот „Слава на Украина“. На цртежот имаше и жена со дете кон кои паѓаат ракети.
Откако наставничката го пријавила цртежот на директорот, нејзиниот татко во повеќе наврати бил поканет на интервју во ФСБ.
Москалев раскажал дека офицерите на ФСБ му зборувале три и пол часа дека не ја воспитува ќерка си како што треба.
„Ми рекоа дека ќе ми ја одземат и дека ќе одам во затвор“, раскажува тој за Медуза.
Неколку месеци подоцна, на 30 декември, бил претресен неговиот дом. Потоа го однеле девојчето во дом.
Адвокатот на Москалев рече дека на сослушувањето било кажано дека девојката оставила антивоени пораки на социјалната мрежа ВКонтакте.
Неколку дена подоцна Москалев успеал да ја врати Маша од детскиот центар и во меѓувреме и двајцата го напуштиле градот, пренесува Медуза. Не е јасно каде е сега семејството, но доколку биде прогласен за виновен, на Москалев му се заканува затворска казна до три години, пишува весникот.
Неговиот адвокат рече дека ќе се потруди да го избегне затворот. Но, додава тој, доколку обвинителот се инаети може да биде заглавен со години во затвор. Во тој случај, девојчето може да заврши во дом за напуштени деца.