Задната врата во „Пулс“ немала ни квака и била заклучена со катанец – ново сведоштво за кочанската трагедија

од Вести365.МК Ј.Р.

Задната, помошна врата во кабарето „Пулс“, од внатрешната страна немала квака и била заклучена со катанец, сведочеше на денешното рочиште инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување од подрачното одделение во Виница, за трагедијата во кочанската дискотека каде што на 16 март лани имаше 63 жртви.

– Болно малку е ова, црни саѓи и уште што немаше на влезот, меѓутоа кога влеговме внатре имаше само два ПП апарати, што е недоволно, празен хидрант, нема вода, нема црево, нема млазници, нема систем за јавување за пожар, и најболната работа, задната врата заклучена од внатрешната страна, немаше квака, а плус тоа заклучена со катанец, зборувам за помошниот излез. Ова се примети без разлика што пожарникарите веќе ја имаа скршено за да можат да влегуваат – рече сведокот.

Во женскиот тоалет имало решетки, а дополнително помошната врата, која се наоѓала од левата страна на бината, била многу тесна, без панично светло и од надворешната страна запечатена со стиропор. Според неговиот исказ, и надворешноста на објектот не овозможувала соодветна интервенција на спасувачките служби.

– Направена е обиколка, приметено е дека од женското веце имаше железни решетки од надвор, додека на излезот од таа задна врата имаше зелена површина која беше како брег и заградена со ограда, каде не може да пристапи брза помош, ниту пожарна – рече инспекторот на ДЗС.

Слични објави