Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Путин и Џинпинг ќе разговараат за планот за решавање на конфликтот во Украина предложен од Кина.
„Планот предложен од Кина за решавање на конфликтот во Украина и темите формулирани во него ќе бидат допрени на еден или друг начин на денешната средба“, рече Песков.
„Несомнено, Украина ќе биде на дневен ред“, изјави Песков пред новинарите, пренесува „Известија“.
Песков додаде дека претседателот на Руската Федерација ќе даде детални објаснувања, со што Си Џинпинг од прва рака ќе добие увид како руската страна гледа на актуелната ситуација.
На прашањето дали Кина може да посредува меѓу Москва и Вашингтон за време на конфликтот во Украина, портпаролот на Кремљ одговори дека нема предуслови за тоа од американска страна.
„Гледаме линија насочена кон спречување на забавување на борбените операции. И Вашингтон и Стејт департментот и Советот за безбедност на САД зборуваат за тоа отворено и официјално“, рече Песков.