Претставен првиот “паметен” пиштол!

Американскиот стартап Biofire верува дека постои компромис помеѓу поседувањето на пиштол и безбедноста – оружје што може да го користат само нивните сопственици, кое, доколку падне во погрешни раце, не може да се користи за напади и убиства.

Biofire Smart Gun има вграден сензор за препознавање лице на задниот дел и сензор за отчитување на отпечатокот од прст на рачката. Пиштолот може да го користи само неговиот сопственик, односно можат да го користат најмногу пет лица кои се пријавени за употреба на нивните биометриски податоци.

Сопственоста на оружје е тема на дебата во САД со години. За многумина, тоа е прашање на лична слобода и дел од културата, додека други веруваат дека бројот на масовни крвопролевања кои се тажна константа во американското секојдневие, би можел значително да се намали доколку пушките не би биле толку достапни.

Пиштолот се појави на американскиот пазар минатата недела и, како што нагласуваат од компанијата, еден модел е веќе распродаден, а испораките ќе започнат во последниот квартал од оваа година, Цената на основниот модел е 1500 американски долари, а достапни се уште две поскапи верзии кои чинат 1900 или дури 2500 долари. Секој од овие модели овозможува уникатно прилагодување и персонализација, како што се избор на боја, конфигурирање на пиштолот за левораки корисници, можност за креирање прилагоден сериски број на оружјето, нагодување на чкрапалото итн.

Сепак сеуште има некои отворени прашања, имено, паметниот пиштол откажал двапати за време на демонстрациите пред новинарите. Од Biofire велат дека проблемот не бил во биометриката, туку во механичкиот систем во тие два случаи. Но, како и да е, ова не е вест што охрабрува. Ако сопствениците на овој пиштол се најдат во ситуација во која треба да пукаат, а оружјето се заглави, тоа може да ги чини нивниот живот.

Слични објави