Извршниот директор на Тикток денес одговараше на тешки и сериозни прашања на американските пратеници кои бараат забрана на кинеската социјална мрежа бидејќи ја сметаат за закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави.
Сведочењето на Шоу Зи Чу пред американскиот Конгрес доаѓа една недела по обидите на кинеската компанија да ги убеди Американците и нивните пратеници дека апликацијата носи економска вредност и дека ја поддржува слободата на говорот.
Тикток, кој има повеќе од 150 милиони американски корисници, е соочен со обвиненија дека податоците на своите корисници ги споделува со кинеската влада и дека не прави доволно да ги заштити децата кои ја користат мрежата.
Републиканката Кети Мекморис Роџерс, претседателката на Одборот за енергетика и трговија на долниот дом на Конгресот го почна сослушувањето со тврдење дека „Тикток ги собира речиси сите податоци кои можат да се замислат – од локацијата на корисникот и она што го пишуваат и копираат, со кого разговараат до биометриските податоци и повеќе“.
„Не веруваме дека Тикток некогаш ќе ги прифати американските вредности – слободата, човековите права и иновацијата“, кажа републиканката додавајќи дека Комунистичката партија на Кина може да го користи Тикток „како алатка за манипулирање со цела Америка“.
Чу на почетокот на сведочењето зборуваше за своите сингапурски корени и тврдеше дека компанијата „не промовира ниту укинува содржини на барање на кинеската влада“. На одборот и корисниците им вети дека нема да има „каква било манипулација од која било влада“.
Дел од политичките експерти сметаат дека забраната на Тикток би можела да им наштети на демократите кои ја користат платформата за обраќање до помладите гласачи. Тројца демократи во горниот дом на Конгресот се спротивставија на забраната.
Повеќето пратеници сепак сакаат забрана на мрежата. Кинеската апликација минатата недела објави дека владата на претседателот Џо Бајден од кинеските сопственици побарале да ги продадат своите удели или ќе дојде до забрана.
Кинеското министерство за трговија денес објави дека присилувањето на продажба на Тикток сериозно ќе ја наруши довербата на инвеститорите од целиот свет, вклучувајќи ја Кина, да вложуваат во Соединетите Држави. „Ако тие вести се точни, Кина на тоа решително ќе се спротивстави“, порача министерството.