Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и јавен обвинител постапуваат во случајот со смртта на шестгодишната Јана во болницата во Битола. Директорот на болницата Александар Обедниковски, пак, е на пат за Скопје каде што треба да се сретне со министерот за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева.
„Разговаравме и вчера и утрово со министерот, тука е и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, веќе е почнат вонреден надзор за тоа што се случило во Битола, директорот е веќе на пат за Скопје каде што ќе има состанок со министерот и заменичката, а информирано е и јавното обвинителство. Сите детали, откако ќе ги имаат, ќе бидат споделени со јавноста. Тие треба да се врз основа на факти, да се утврди објективната состојба и врз основа на нив да се направат соодветни санкции таму каде што ќе биде потребно“,рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот Меџити, исто така, нагласи дека инспекциските служби се на терен и ќе ја информираат јавноста откако ќе има информации.
Со директорот на болницата разговарал веќе и телефонски, а со семејството на Јана сè уште не, но вели дека тоа ќе го направат откако прво ќе видат што ќе покаже инспекцијата.
За случајот уште вчера имаше информации дека е извесен јавен обвинител и телото е дадено на обдукција, но засега нема повеќе информации.