Директорот на Агенција за филм СЕ ПОЖАЛИ: Едно исто лице постојано не пријавува во Транспаренси

од Вести365.МК Ј.Р.

Директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски ги отфрли сите обвинувања што вчера на прес конференија ги изрече директорката на Транспаренси Интернешнал Слаѓана Тасева на сметка на државната агенција. Имено, Транспаренси констатираше постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година. Според Тасева износот на тие средства распределени за таа година изнесува преку 4 милиони и 200 илјади евра. Тасева посочи неколку лица кои биле рецензенти во Агенцијата, а имале поднесено проекти на конкурсот за филмови.

-Не навлегуваме во претенциозните постапувања на Транспаренси интернешенл постојано по налог на едно лице кое постојано се јавува со разноразни пријави во Агенцијата за филм. За истото лице беа побарани документи за неговото финансиско работење и истите се ставени на увид на институциите и јавноста и медиумите. Оттука се поставува прашањето, кој е мотивот на г-ѓата Слаѓана Тасева постојано за едно исто лице да ја извртуваат вистината и да ја манипулираат јавноста?, праша Лазаревски, откако пред новинарите аргументираше по имиња дека нема конфликт на интереси при одлучувањето за проектите на Агенцијата.

Тој додаде дека наспроти тврдењата на Транспаренси Интернешнл кој постапува по пријава на едно лице, а за чија истрага доставиле повеќе од 500 страници документиран материјал, досега не виделе доказен материјал што би потврдил какви било незаконски или можни злоупотреби.

Лазаревски појасни дека лицата што се вклучени во процесот на евалуација (рецензенти, филмски совет, управен одбор) се избираат според високо утврдени критериуми за компетентност на работата и тие се обврзани според Законот да ги почитуваат, за што писмено одговараат одредбите за неучество на конкурсот, непристрасност и тајност на одлучување.

-Именуваните лица кои беа повикани на прес-конференцијата, се искусни и со многу минат труд во филмската дејност и во целост нивната ангажираност е според важечките критериуми. Финансискиот евалуатор Бранко Петровски повеќе од 30 години е дел од филмската продукција и од креирањето на прогресивен развој на македонската кинематографија, a најпрво во Министерството за култура а подоцна во Агенцијата за филм. Тој никогаш не учествувал во ниту еден филмски проект додека ја обавувал работата како финансиски рецензент. Споменатото негово повлекување од филмскиот совет, посочи, не е под никаков притисок или констатирана злоупотреба, туку еднократно беше дел од Филмскиот совет, рече Лазаревски.

Ана Опачиќ, пак, која е спомената исто така на оваа прес конференција, вели Лазаревски, е именуван евалуатор заради нејзината долгогодишна теориска и практична работа на филм. Опачиќ е доктор по науки која предава на факултетот ЕСРА и е автор на повеќе краткометражни, успешни филмски остварувања. Додека ја извршува работата на рецензент, наврдува Лазаревски, таа не учествува на конкурсот.

-Споменатото повлекување на проектот следи откако таа е ангажирана, а не под притисок на некакво надзорно тело. Сашко Мицевски поднесе изјава за изземање од Филмскиот совет за време на вториот рок од конкурсот. Тоа е доказ за транспарентното и законско работење на телата и самата институција, рече Лазаревски.

Лазаревски како неосновано го отфрли обвинувањето за Ана Василевска која во својство на филмски критичар и теоретичар на филмот има објавено повеќе од илјада написи, рецензии и осврти. Таа е и магистранд на факултетот ЕСРА и повеќе години ја истражува македонската кинематографија, рече Лазаревски и додаде дека таа никогаш не учествувала во проект на конкурсот на Агенцијата за филм со одлука за долгометражни, краткометражни и анимирани филмови, а споменатото изземање од Филмскиот совет е исто така за еднократен ангажман по кој без да биде прекршен Законот за филм се повлекува заради каков било сомнеж за конфликт на интереси, повторно по пријава на истото лице кое дојавува и денес во Транспаренси интеренешнл.

-Секоја можна инсинуација или тврдење за некомпетентност или пак злоупотреба на соработниците на Агенцијата за филм, е тврдење дека нашата институција не постапува правилно. Уште еднаш ги отфрлам сите тврдења како невистинити и тенденциозни и останувам отворен за прашања на јавноста и институциите. Конфликт на интереси нема, ниту пак сериозноста и професионалноста на нашата институција би го дозволила тоа Откако сме ги избрале лицата што ќе бидат дел од процес за евалуација немаме никакво влијание во автономноста на одлучување и се потпираме на нивната компетентност, вели Лазаревски.

Вчера Тасева побара споменатиот конкурс на Агенцијата за филм да биде повторен, а нивната документација рече дека ќе ја даде на располагање на јавниот обвинител.

Слични објави