Републиканскиот гувернер на Флорида, Рон ДеСантис (44) официјално ќе влезе во трката за претседател на САД во 2024 година следната недела, објави Волстрит журнал повикувајќи се на извори.
ДеСантис најверојатно ќе поднесе документи за да ја објави својата кандидатура на 25 мај, што ќе се совпадне со донаторски состанок во Мајами. Во поканата за настанот на 25 мај се вели дека донаторите ќе бидат поканети да „работат“, што е очигледна алузија на собирање пари за ДеСантис, според извор запознаен со настанот.
ДеСантис е можеби најмоќната закана за напорите на Трамп да ја добие републиканската номинација за трет мандат во 2024 година.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека тој е во најдобра позиција меѓу републиканците за дуел со поранешниот претседател Трамп, кој веќе ја објави својата кандидатура.
Трамп ги засили своите политички напади врз гувернерот на Флорида во последниве недели и го одржува водството на републиканските прелиминарни избори во 2024 година, според неодамнешната анкета на Ројтерс/Ипсос.
ДеСантис студирал на елитните универзитети Јеил и Харвард. Покрај тоа, тој беше во американската морнарица и учествуваше во воената интервенција во Ирак.
По активна должност, ДеСантис работеше како федерален обвинител и влезе во американскиот Конгрес за прв пат во 2012 година како американски претставник за шестиот округ на Флорида. Тој стана гувернер на Флорида за прв пат во 2018 година, а беше реизбран во ноември минатата година.