Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 15 септември, се празнува Светиот маченик Никита.
Свети Никита и денес е почитуван како голем исповедник и маченик Христов, кој со својата крв сведочел дека ништо на овој свет не е поскапоцено од верноста кон Бога.
Светиот великомаченик Никита нè учи дека вистинската вера не се покажува само со зборови, туку со истрајност, храброст и верност кон Христа и тогаш кога сме исправени пред искушенија и страдања.
Обичајот налага дека од денес се започнува со подготвување на зимница со помош на овој светец.
Накај падините на Скопска Црна Гора, каде меѓу старите селски камени куќи и недопрената природа стои манастирот Свети Никита, каде чудата се случуваат, болни оздравуваат. Се верува дека тој кој денес ќе застане на каменот во манастирот Свети Никита, ќе се сврти трипати, ќе се поклони и ќе си замисли желба, моштите на светецот ќе им ја исполнат.
За да еден човек си ја каже маката, се прави еден мал ритуал. Прво човекот влегува во црквата и си пали свеќа. Тогаш клисарот го трга тепихот под кој стои каменот. Човекот застанува со лицето накај олтарот. Се прекрстува, прави круг и се поклонува свртен кон олтарот. И така три пати. Кога ќе заврши последниот круг ја кажува молитвата „оче наш“. На крај си ја кажува маката или желбата.
Моќта не е во каменот, моќта е во коските, а тој е само начин да се поврзе верникот со светецот и со Бога. Стоејќи на каменот, верникот полесно се поврзува во Бог и неговата мака, болка или желба полесно ќе биде чуена и решена, исцелена, исполнета, со помош на светите мошти, но и силната верба.
Клисарот раскажува дека ова е единственото место во светот каде може со специфичен ритуал да се поврзат верникот и Господ, каде со помош на моќта на моштите од великомаченикот, му се помага на секој кој има мака.
Најчести посетители на манастирот се мајките со мали деца, кои не можат за зборуваат, да одат, немирно спијат и мократ. Но, откако ќе го направат ритуалот, се враќаат задоволни, се поклонуваат пред иконата оти маките им се решени, децата мирни.
Клисарот насмеано раскажува и за две девојки, кои дошле да побараат помош за да го завршат факултетот. По некое време се вратиле и му кажале дека по толку маки, конечно дипломирале, но побарале повторно да застанат на светиот камен.