Само ден пред започнувањето со работа на групата на Министерството за правда која ќе крои нов Изборен законик, двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, повторија дека даваат поддршка за изборен модел со една изборна единица. Сепак, од ВМРО нема да учествуваат во работната група. Од опозицијата порачаа владејачката коалиција најпрвин да има усогласен став, откако за прашањето за една изборна единица спротивставени гледишта имаа СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.
„ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица, бидејќи тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на Македонија и ја повикувам власта да излезе со вакво решение. Доколку власта излезе со решение за една изборна единица ние ќе се вклучиме и ќе го дадеме нашиот придонес“, рече Антонијо Милошоски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за правда претходно потенцираа дека поканата е отворена, па доколку изразат желба ги очекуваат ВМРО-ДПМНЕ на состаноците. Инаку, од СДСМ повторија дека за промени на изборен модел мора да има консензус од сите партии.
„Една изборна единица е во програмата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Ние сме за една изборна единица, но секако треба сите измени да бидат донесени со консензус“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ
Но, кај коалициските партнери на СДСМ во власта нема најава за промена во ставовите. Желбата на интегративците е да останат шесте изборни единици, а ако има согласност за една, тогаш ДУИ бара да се воведе изборен праг од пет проценти. Од Алијанса пак, претходно побараа да се воведат осум изборни единици.
Целта на Министерството за правда е новиот Изборен законик да биде усвоен неколку месеци пред одржувањето на следните избори било кои и да се, а од ДИК велат дека се подготвени за негова имплементација.