Силна посветеност за изнаоѓање решение на кипарското прашање и силна поддршка до кипарските Грци и кипарските Турци изрази генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш по средбата со претседателот на Кипар Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Гутереш од синоќа е во Никозија, претпладнево се сретна со Христодулидис и со лидерот на кипарските Турција Туфан Ерхурман, вечерва ќе има приватна вечера со двајцата лидери, додека пак за утре закажана е официјална средба.
– Оваа посета е посета на солидарност со луѓето на Кипар и за да ја покажам мојата силна посветеност да се осигураме дека конечно ќе успееме да најдеме решение за кипарското прашање. Секако, тоа зависи од самите Кипрани, додека и силите гаранти имаат своја улога што треба да ја одиграат. Но, ќе направам сè што можам за да ги поддржам кипарските Грци и кипарските Турци во овој многу важен момент, истакна Гутереш по средбата со Христодулидис и кусо пред состанокот со Ерхурман.
На почетокот на средбата со кипарскиот претседател, генералниот секретар на ОН посочи дека „ако постои момент кога решавањето на кипарското прашање е особено важен, тогаш тоа е сега, во период на хаос во регионот и во услови на одредени геополитички промени кои би можеле одеднаш да го стават Кипар во центарот на несакани случувања“.
Христодулидис пак истакна дека потребни се добри вести за Кипар, за регионот, но и на меѓународно ниво и нагласи дека сметаат на поддршката и политичката посветеност на Гутереш.
Решителноста и посветеноста за изнаоѓање решение, генералниот секретар на ОН ги изрази и на средбата со лидерот на кипарските Турци и рече дека се свесни дека решението зависи и од придонесот на земјите гаранти, додека пак Ерхурман ја изрази „силната волја на кипарските Турци за праведно и трајно решение“.
Генералниот секретар на ОН синоќа пристигна на Кипар, а на платформата Икс напиша дека посетата е за да ја изрази неговата посветеност во поддршката на двете кипарски заедници во изнаоѓањето по сеопфатно и одржливо решение на кипарското прашање.
-Обединетите нации не можат да наметнат мир. Само Кипраните, преку своите лидери, можат да го изградат, напиша Гутереш.
Посетата на Кипар, кипарските медиуми ја коментираат како историска, посочувајќи дека е прва на генерален секретар на ОН од февруари 2010 година, кога Бан ки Мун го посети островот и се сретна со тогашните лидери на кипарските Грци и кипарските Турци.
Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение, а во изминатиот период во тек се напори за одново започнување на разговорите. (МИА)