Групацијата на таксисти на Град Скопје го отфрла како нелогичен повикот на Министерот за економија Крешник Бектеши, да се намалат цените на такси-превозот и на меѓуградскиот автобуски транспорт.
Се согласуваат дека во последниов период е намалена цената на дизелот и другите нафтени деривати, но зголемени се цените на сите други придружни трошоци за вршење на дејноста заради кои како што велат не е можна надолна корекција на цената.
„Цената на такси превозот беше зголемена за 20-тина проценти пред неполна година и тоа беше прво зголемување во последните 12 години. Од 2011 г. до денеска, покрај цената на горивото, се зголемија и цените на резервните делови и цените за сервисирање на возилата. На граѓаните можеби им изгледа скап такси-превозот бидејќи користат такси возила кои работат со диво наштелувани таксиметри и со телефонски апликации. Уверуваме дека доколку се расчисти ситуацијата со дивите таксисти, скопјани ќе бидат презадоволни од постоечката, регуларна цена. Она што треба да го прават е да избегнуваат таксисти кои немаат налепница на таксиметарот за 2023 година“, вели за „Локално“, Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на таксисти на Град Скопје.