Борбата против корупцијата е сочинета од повеќе битки на повеќе полиња, кои мора да се одвиваат континуирано. За жал овој процес е долг, радикални промени преку ноќ не се можни.
Но, изминативе години имаме голем напредок во транспарентноста и имаме поефикасен пристап до информациите од јавен карактер, што го стеснува просторот за коруптивно делување, порача денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
Таа за време на сесијата „Искоренување на корупцијата преку политики за добро владеење и реформа на правосудството“ што се одржува во рамки на Преспа форумот во Струга, потенцираше дека борбата против корупцијата мора да се одвива континуирано и со целосна посветеност ако сакаме да видиме вистински исчекор и вистинска промена.
Според Грковска, не можеме да зборуваме за спречување на корупцијата доколку не работиме на транспарентноста, на отчетноста, на кохезивниот пристап во носењето на одлуки. Сето ова, како што појасни, се принципи кои се комплементарни и кои се насочени кон една цел – да изградиме здраво општество и стабилен систем кој ќе биде на услуга на граѓаните.