Врховниот суд денеска соопшти дека на 9.11.2023 година донел пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој тужител е Република Северна Македонија против тужениот Сојузот на синдикатите на Македонија Скопје, за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува административна зграда како објект од општ интерес за државата. Со што потврди дека е донесена пресуда со која им се одзема работничкиот дом на ССМ.
-Врховниот суд на Република Северна Македонија во совет составен од судиите Шпенд Деваја – претседател на советот, Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани – членови на Советот, во правната работа на тужителот Република Северна Македонија, против тужениот Сојуз на синдикатите на Македонија Скопје, донесе пресуда со која ревизијата и тужбеното барање на тужителот се усвојуваат, наведуваат од Врховниот суд во соопштението објавена на нивната веб-страница.
Исто така, се посочува ја информираат јавноста дека Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, согласно годишните распореди, од денот на изборот за Претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија, не учествувал и не учествува во одлучувањето по предметите кои се наоѓаат пред Врховниот суд на Република Северна Македонија, ниту пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките, односно врз независноста на судиите во врска со одлучувањето по одделни предмети, согласно Законот за судовите.
Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија, одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.
-Предметниот објект-административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот, согласно одредба од член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, бидејќи правниот претходник на тужениот, истите ги изградил и стекнал во поголем дел со средствата добиени од тужителот како правен следбеник на тогашната НР Македонија, а не со сопствени средства, со оглед дека истите во периодот на изградба на објектот, со својот правен субјективитет немал ниту можел да има сопствени средства. Во периодот кога е изградена предметната недвижност, правниот претходник на тужениот бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот, наведуваат од Врховниот суд.
Согласно член 1 од Одлуката за определување објекти и работи чии инвестициони програми ќе ги одобрува Одборот за стопанство на извршниот совет („Службен весник на НРМ“ број 23/58), инвестиционите програми за објектите и работите што се од општ интерес за НРМ ќе ги одобрува Одборот за стопанство на Извршниот совет, а според член 2, како објекти од општ интерес во смисла на одредбите од претходниот член, се сметаат покрај другите и објектите од општествен стандард, чија вкупна вредност го надминува износот од 100 милиони динари, без оглед на изворите на средствата, освен објектите од станбена зграда, поради што неспорно произлегува дека предметната недвижност е ствар – добро од општ интерес за Републиката, стои во соопштението од Врховниот суд.