Венко Филипче сега се фали со одлуката на Ислам Абази да не поведе обвинение против него за 19 модуларни болници, меѓу кои и модуларната болница во Тетово, каде во пожар животот го изгубија 14 лица, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Кога требаше да одговара пред законот за модуларните болници, кои беа поставени без да се почитува Законот за градење и без почитување на стручната јавност, токму тој систем, кој СДС и ДУИ го обликуваа да им слугува на нивните интереси, го спаси Филипче од одговорност. Филипче зборува за ЕУ, владеење на право и европски вредности, а истовремено се повикува на системот кој СДС и ДУИ го уништија додека беа на власт. СДС и ДУИ го доведоа правосудството до ниво на доверба под 2%, а Ислам Абази, поставен во нивно време, донесе одлука која го ослободи Филипче. Тој систем, кој е нефункционален и од кој дел е и Ислам Абази, Филипче сега го користи како аргумент, еден ден зборува за европска Македонија и владеење на правото, а следниот ден се радува на одлука на обвинителство кое не покрева обвинение против него, се наведува во соопштението од владејачката партија.
„ЕУ бара независно правосудство, но наместо тоа, Филипче ја слави одлуката на обвинител поставен во систем чија кредибилност самиот тој придонел да ја урне. Тие 2% доверба во правосудството, наместо да бидат аларм, за него изгледа се „доказ“ дека е чист. За Филипче европска Македонија значи обвинителство кое дејствува согласно неговите интереси.
Овој тип на одлуки и штетат на државата при евроинтегративниот процес и на напредокот во владеење на правото“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.