ВМРО-ДПМНЕ: Ако за модуларната болница во Тетово виновен беше кабелот, дали за скандалот Онкологија ќе биде виновна епруветата

Владата предводена од СДСМ и ДУИ очигледно за скандалот Онкологија ни подготвува сценарио по она веќе виденото со модуларната болница во Тетово. За тоа што изгоре модуларната болница во Тетово виновен беше кабелот. Сега за скандалот Онкологија очигледно епруветата ќе биде виновна, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потенцираат дека втора недела откако МВР влезе во Онкологија и започна истрага за нешто за што две години се зборуваше речиси постојано.

– Власта на СДСМ и ДУИ не само што ја урниса довербата на граѓаните во здравството, тоа го стори речиси во секоја област. Скандалот Онкологија е само дополнителна потврда дека не може да им се верува ниту на истражните, ниту правосудните органи, истакнуваат тие.

Оттаму додаваат дека на Клиниката за онкологија наместо да се лечат пациенти, се правел бизнис.

– Наместо лекарствата да се дадат на лицата болни од рак, истите се препродавани на црниот пазар во Македонија и земјите од регионот. Очигледно е дека стотици животи биле загрозени, а веројатно можеле да бидат и излечени. Власта на СДСМ и ДУИ, надлежните институции наместо да се фатат за работа продолжуваат со своите тендери и скандалозни бизниси. Сето тоа отвора сомнеж за вклученост во скандалот Онкологија на највисоките ешалони од власта, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив лицата од власта на СДСМ и ДУИ се покажаа како махери за криминални зделки, а во случајов Онкологија и очигледно  прекривање докази, заташкување на скандалот.

– Мора да се стави крај на криминалното и скандалозно владеење на СДСМ и ДУИ! По изборите сите кои сториле криминални активности ќе се најдат пред лицето на правдата, стои во соопштението.

Слични објави