Oбјавен е нов повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за периодот 2025-2027 година, со кој субвенциите ќе се доделуваат по дестинација, а не како досега на авиокомпанија.
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации според редоследот: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, како и број на седишта понудени на продажба.
Државата ќе плаќа девет евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје, а 12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони.
Авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање, да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, како и на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт.
Во рамки на тригодишната програма за оваа намена предвидени се средства во висина од 360 милиони денари. Крајниот рок за доставување на барањата за учество во постапката е 7 октомври до 10:00 часот, до кога може да се доставуваат барања во архивата на Министерството за транспорт.
Може да аплицираат сите заинтересирани авиокомпании кои поседуваат уверение за исполнување безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз, имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година и имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.