Најважно е да се утврди каде затаил системот и кои се неговите слабости при доделување на социјална парична помош и тоа да се отстрани за да не случува понатаму, истакна техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски при денешната посета на Меѓуопштинскиот центар за труд и социјална работа Гостивар.
Велковски појасни дека, според договорот со МВР, на 11 јануари треба да се доставуваат списоци со имиња на сопственици на моторни возила и да се прават вкрстени проверки на матичните броеви на лицата кои поднеле барање за добивање гарантирана социјална пензија.
„Слабост постои и тоа го утврдивме. Ги проверуваме овие податоци на терен. Системот затаил некаде и ќе видиме каде е таа слабост, да ја отстраниме и да не се појавуваат вакви работи во иднина,“ рече Велковски.
Тој повтори дека било откриено незаконско исплаќање на социјална парична помош, како и на социјална пензија на лица кои не ги исполнуваат условите за тоа. При проверка на податоците било утврдено дека над две илјади лица во земјава поседувале возила, но се нашле во списокот за социјална помош.
На средбата со вработените во Гостиварскиот центар било разговарано и за предизвиците со кои се соочуваат во процесот на спроведување на тековните активности и пружање социјална заштита за корисниците.
Во однос на состојбата со зголемениот број на питачи, Велковски посочи дека во МТСП имало пракса којашто ја спроведувале интер-мулти тимови,но, како што рече, се изгубила низ годините.
„Во Скопје и Гостивар е алармантно, па пративме дописи до МВР да ни посочат лица одговорни од кај нив, бидејќи поради асистенцијата за детектирање на семејствата мора да бидеме во координација со нив и така било многу години наназад. Се надевам дека ќе профункционира“, рече Велковски.