Длабоко сме вознемирени од последните активности на Северна Македонија за ограничување на правата на здружување и слободно изразување на бугарската заедница во оваа земја, порачува Костадин Коџабашев, заменик-министер за надворешни работи на Бугарија.
– При затворањето на бугарскиот клуб „Иван Михаjлов“ во Битола, Скопје не изнесе вистински аргументи. Решението е непринципиелно, тенденциозно и еднострано поставување на имињата на здруженијата во искривен историски и идеолошки контекст. Тоа што верувањата на Бугарите во РС Македонија не се компатибилни со тамошната историска доктрина не значи дека тие не се компатибилни со правниот поредок и демократските принципи. Оценките за Иван Михајлов не почиваат на обемниот корпус на историски докази и имаат за цел да го зачуваат монополот на намерно и ревизионистичко толкување на нашата заедничка историја, особено наводите за антисемитски убедувања на Иван Михајлов. Самиот Иван Михајлов, неговата околина и раководството на ВМРО постојано имаат почитуван и добронамерен однос кон еврејската заедница. Не случајно еден од неговите најблиски соработници, Владимир Куртев, член на последниот состав на ЦК на ВМРО, е прогласен за праведник на светот од државата Израел – рече заменик-министерот Коџабашев.
Тој рече дека Централниот регистар на Северна Македонија доставил околу 17.000 невладини организации на разгледување до Министерството за правд, а во законскиот рок негативни решенија за користење на имињата избрани од нивните основачи добиле само здруженијата „Иван Михајо“ и „Цар Борис Трети“.
– Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измените во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите во Северна Македонија. Настаните од вчера уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи – рече тој.
Tој потсети и дека лани на 17 јули 2022 Македонија презеде јасна обврска да ги преземе неопходните активности за да ѝ обезбеди на бугарската заедница ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на нејзиното културно наследство и идентитет
Во реакцијата бугарското МНР забележува и дека бавно се спроведува правдата во однос на расчистување на инцидентите со бугарските клубови и негодува зошто Ламбе Алабаковски се спогодил со обвинителството и добил условна казна за палењето на влезот на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
Сметаме, пишува во реакцијата, дека овој пристап ги охрабри и последователните напади кои следувале врз Бугари и бугарски организации во Северна Македонија.
„Нашата загриженост е дека институциите во Скопје, наместо да се обидуваат да спречат нови злосторства врз локалните Бугари и претставниците на бугарската држава, трошат енергија и време обидувајќи се да покажат дека проблем всушност не постои. Овој пристап е контрапродуктивен за аспирациите на Скопје за што побрза европска интеграција“,велат од бугарското МНР.