Бугарски туристи се откажаа од патување во Македонија, се плашат од каменување на автобусите

од Вести365.МК Ј.Р.

Ситуацијата во Македонија и односот кон Бугарите биле причина за откажувањето на туристичко патување на група Бугари во земјава и во Скопје, објави Бугарското национално радио (БНР).

Во прилогот на БНР се пренесуваат изјави од пријавените туристи кои со агенцијата „Осогово“ од Ќустендил требало да патувата во Македонија, но го откажале патувањето.

Информацијата ја потврдил и директорот на агенцијата, Христо Абаџиев кој кажал дека на дел од пријавените им биле вратени парите, а останатите биле однесени во Кремиковскиот манастир и во обиколка на знаменитостите околу Софија.

Според прилогот на БНР, екскурзијата на туристичката агенција била откажана пред неколку дена по коментарите дека во Македонија имало случаи на каменување на автобуси со бугарски туристи во Северна Македонија. Според нивните информации, лесно било да се патува до Крива Паланка, но понатаму биле можни вакви инциденти.

„Официјално нема информации за таков однос кон бугарските туристи, коментарите се меѓу бугарските тур-оператори. Жителите на Ќустендил кои имаат пријатели и роднини во Северна Македонија велат дека односот кон Бугарите со двојно државјанство, благо речено, не е добар“, објави БНР.

Од македонското МВР, пак, неофицијално велат дека такви случаи на каменување на автобуси со бугарски туристи во земјава не се пријавени.

Слични објави